Успешна пилот-сесија за одржлив туризам во Кочани
На 28 февруари 2025 година, Еко Логик во соработка со Општина Кочани организираа успешна пилот-сесија во рамки на Еразмус+ проектот PRepare. Целта на сесијата беше зајакнување на капацитетите на општинските службеници за поефикасно вклучување на општините во развојот и промоцијата на одржливи туристички практики на локално ниво.
Сесијата беше дел од Работен пакет 3 – Градење на капацитети, и вклучи 27 учесници од општинската администрација, кои ја проследија обуката и ги дадоа своите мислења и сугестии за обучувачката програма и за новоразвиената платформа за е-учење.
Фокусот беше ставен на Програма за обука 1: Заштита на животната средина и нејзината поврзаност со туризмот, додека учесниците имаа можност и кратко да се запознаат со Програма за обука 2, насочена кон развој на зелени вештини и управување со промени на работното место.
Обуката беше интерактивна и содржеше отворена дискусија, практични активности и тестирање на онлајн платформата за е-учење, која овозможува флексибилно и достапно учење за сите кои работат или сакаат да се вклучат во областа на туризмот.
Оваа пилот-сесија ја потврди релевантноста и ефективноста на програмата и платформата, и уште еднаш ја нагласи главната цел на проектот PRepare: да обезбеди зелени вештини за локалните чинители, како поддршка за одржлив туризам и отворање на зелени можности за вработување, особено за младите.